Човекот е социјално суштество кое не може да опстане без другите луѓе и околината. Контактот со околината му е потребен исто колку што му е потребно храна и вода. Според гешталт пристапот, човекот е функција на постојаната интеракција помеѓу човекот и околината, и неговото однесување зависи од поврзаноста со околината/полето. Овие два елементи постојано се менуваат, односно, поради тоа што околината постојано се менува, така и техниките и формите на интеракција на организмот мора да се менуваат со цел да има здрав контакт помеѓу личноста и средината. Кога личноста го губи капацитетот за менување на своите техники на манипулирање на околината и интеракција со истата, се создава неврозата.
Сите невротски нарушувања ги карактеризира неспособноста на индивидуата да одржи баланс помеѓу себеси и околината. Кај неврозата, се смета дека социјалните граници се проширени и ја преплавуваат индивидуата. Невротските механизми се обид за индивидуата да се заштити себеси од преплавувачката околината. Невротската особа чувствува како околината силно притиска врз неa. Во овој случај, индивидуата се брани на начин на којшто, во тој момент, најдобро знае и умее.
Здравје
Секоја индивидуа за време на својот развој учи вредности преку односот со родителите и околината. Дел од овие вредности може да бидат припадност, напорна работа, пари, социјален статус, почитување на семејството, итн. Многу од овие вредности се интернализирани без личноста да биде свесна. Според Фриц Перлс, основачот на гешталт терапијата, општеството ги охрабрува и промовира вредностите коишто придонесуваат кон нарушување на здравата состојба кај човекот. Тоа што општеството го смета за прифатливо, како што се прифаќањето на општествените барања и вредности, може да се коси со здравите начини на функционирање, како што е валидирање на внатрешните вредности, мудрост, актуализација на потенцијалите итн. Токму овие процеси придонесуваат до себе-поддржување, една од главните цели во гешталт терапијата.
Во продолжение, ќе наведам неколку генерално позитивни процеси во гешталт терапијата кои го поддржуваат и потврдуваат здравото функционирање на личноста. Гешталт теоријата ги издвојува следните: созревање, одговорност, себе-актуализација и автентичност.
Созревање
Созревањето е процес во којшто личноста најпрво стекнува органска, а потоа и психолошка спремност за самоодржување. Ова може да се спореди со процесите коишто се случуваат во природата. Кога едно овошје е зрело, тоа паѓа и се одвојува од дрвото. Во тој момент ја губи поддршката од дрвото, и оставено е да се прехранува од состојките коишто ги содржи во својата кора. По некое време, тоа се разградува, се соединува со земјата и прераснува во дрво, коешто е одговорно и ги одржува во живот своите плодови. Во целиот овој процес, дрвото е принудено да се негува и одржува преку манипулирање со средината.
Перлс вели, “Созревањето е процес на преоѓање од поддршка од околината кон самоподдржување”. Слично како и кај растенијата, и човекот поминува низ фази на созревање. Првиот чекор на откажување на поддршка кај човекот е откажување од безбедната и негувачка средина на матката, потоа од градата на мајката, потоа од потребата на средината да ни носи храна итн.
Бидејќи луѓето се социјални суштества, не може да очекуваме дека созревањето би било исто што и целосна самоодржливост. Преку процесот на созревање, се очекува личноста да се движи од насока на самоподдршка, но ова вклучува и превземање одговорност да побараме помош од околината кога ќе се јави потреба. Секогаш кога се откажуваме од поддршка од околината за активност којашто можеме сами да ја извршиме, ние добиваме чувство на вредност, ни се зголемуваат капацитетите за набљудување, анализирање, учење и разбирање. Со секој чекор во созревањето, се зголемува свесноста за нашите можности и довербата во себеси да се носиме со животните предизвици. Кога соочувањето со овие предизвици станува претешко и кога надминувањето на препреките трае предолго може да се појави акутна анксиозност, и/или депресија. Во овие моменти, зрелата личност би побарала помош. Значи, процесот на созревање вклучува напуштање на поддржувачката средина кога сме подготвени да направиме нешто самостојно, но и барање на помош во моменти кога тоа е неопходно.
Според гешталт теоријата, секој човек поседува капацитети за развивање и созревање. Овие капацитети се присутни, но најчесто неистражени кај личноста. Секое ново искуство бара пронаоѓање на овие капацитет во самата личност и користење на истите, така што секое ново искуство е изучување на нови аспекти од личноста, коишто не сме знаеле дека ги поседуваме.
Одговорност
Да се биде одговорен значи да бидеме спремни да одговориме на своите потреби, очекувања, чувства, фантазии итн. Исто така, да се биде одговорен значи да знаеме до каде се нашите ограничувања, да бидеме свесни дека не сме одговорни и не можеме да го промениме однесувањето, чувствата и очекувањата на другите луѓе. Значајно е да забележиме дека ова не значи негрижливост за потребите на другите луѓе, ниту неспособност да одговориме на нивните барања. Кога луѓето се одговорни за себеси, тие знаат дека не треба пасивно да очекуваат од околината да направи промени наместо нив. За да бидеме спремни за оваква одговорност, потребно е да имаме разбирање и прифаќање на себеси, и да ја прифатиме околината таква каква што е.
Перлс вели “Повеќето луѓе веруваат дека одговорност е да се ставиме на располагање или да имаме обврска” и тврдел дека секој може да биде одговорен само за себеси. Секоја личност е одговорна за своите мисли, чувства, желби и потреби. Секој човек којшто избегнува одговорност, всушност ги занемарува своите потреби. Колку повеќе одредени делови се запоставени од личноста, толку истите стануваат се поактивни и ја алармираат личноста преку болка. Секој човек носи одговорност за тоа дали ќе одговори на овие дразби или ќе ги потисне.
Многу често ќе слушнеме како ние или луѓето околу нас ја префрлаат вината на средината и избегнуваат да го видат својот удел во ситуацијата за која и они се дел од креаторите. Преку истражување на нашиот удел во ситуацијата, се запознаваме себеси и нашето место во околината.
Друга ситуација во којашто исто така можеме да избереме и да преземеме одговорност е во нашата одлука како ќе реагираме во одредена ситуација. Ова ни овозможува слобода да одлучуваме и доколку не ја користиме оваа слобода, ќе бидеме заробени и убедени дека не би можеле да се промениме. Кога дозволуваме некој друг да одлучува за работи критични за нас, ние се откажуваме од одговорноста, а со тоа и од слободата. Да го увидиме нашиот допринос во процесот околу нас не е лесно, но не ослободува и ни укажува на тоа дека нашата слобода ни припаѓа на нас.
Самоактуализација
Според гешталт терапијата, самоактуализација е возможна само кога личноста ќе сфати дека е организам којшто постојано расте и се менува. Способноста личноста да се препознае и да се види реално таква каква што е, а не таква каква што сака да биде, придонесува до ослободување од фантазии и нереални селф идеали, коишто не му се потребни на организмот. Стремежот кон перфекционизам, парадоксално, има ограничувачки ефект врз личноста. Според Перлс, преку идентификување со фантазии и работи што би требало да бидат или би можеле да бидат, индивидуата ја актуализира сликата за себеси, а не се актуализира себе. Перлс прави аналогија со слон и орел. Вели “ниту еден орел не би сакал да биде слон, ниту слонот би сакал да биде орел. Тие се прифаќаат себе си. Тие едноставно се она што се. Колку би било апсурдно ако како луѓето, тие имаа фантазии, незадоволства и си ја искривуваа сликата за себе. Колку би било апсурдно ако слонот сакал да лета, а орелот да има сила и дебела кожа како слонот.”
Ова Перлс го поврзува со луѓето, преку тврдењето дека искривувањето на сликата за себе додека вложуваме труд да бидеме нешто што не сме, има сериозни психолошки последици. Многу лесно може да се направи забуна помеѓу самоактуализација и самонапредување. Иако самонапредувањето може да има позитивни аспекти, генерално според гешталт терапијата, се смета дека доколку личноста се негира себеси, таа не може да се актуализира. Самоактуализација е организмички процес што вклучува развој на сопствените потенцијали преку прифаќање на самите себе.
Автентичност
Автентичноста претставува многу повеќе од искреност и директност. Личноста која што е автентична е во контакт со внатрешните доживувања и нејзините експресии и активности се репрезентација на тие доживувања. Автентичната личност се однесува во хармонија со средината, преку валидација на внатрешните доживувања. Автентичноста претставува состојба во која личноста вообичаено се изразува на овој начин. Сепак, автентичноста не e процес за којшто свесно одлучуваме, туку е нус појава на созревање и развој на личноста. Личноста којашто е растеретена од незавршени работи од минатото, растеретена од нереални очекувања во иднината, во контакт со моменталните организмички процеси и во добар контакт со околината ќе се изразува автентично.
Ненад Сечков
дипломиран психолог