Психотерапијата има за цел да ја подобри благосостојбата на поединецот и менталното здравје, да ги разреши или ублажи проблематичните однесувања, верувања, принудувања, мисли или емоции и да ги подобрува односите и социјалните вештини. Психотерапијата може да придонесе луѓето да станат позадоволни со себе, да живеат поквалитетно и поздраво, спремни за соочување со животните тешкотии, за подобро разбирање со околината и за остварување на близина. При тоа се потикнува развој на проактивен однос према животот и прифаќање на сопствената одговорност за негување на личниот раст и развој.
Примената на техниките од гешталт тераписка пракса им овозможува на клиентите да се фокусираат на своите непосредни мисли, чувства и однесување со цел подобро да го разберат начинот на кој се поврзуваат со другите луѓе и околината. Со подигање на свеснота им се помага на клиентите да најдат нова перспектива, да имаат увид во поголемата слика на состојбата во која се наоѓаат и да почнат да прават промени. Оваа холистичка свест и зголемен увид во тоа како размислуваме, чувствуваме и дејствуваме е многу ослободувачка. Со тоа се зајакнува самодовербата и им се помага на клиентите да се соочат со предизвиците и да го живеат животот со својот максимален потенцијал.
Во контекст на менталното здравје, „советувањето“ обично се користи за означување на релативно краток третман, кој е фокусиран пред се на однесувањето, но сепак подразбира и препознавање и именување на емоциите, вентилирање, и учење на контролирање на емоциите, како и преиспитување на начините на размислување, ставовите и вредностите. Честопати е насочена кон одреден симптом или проблематична состојба и нуди предлози и совети за справување со истиот.
Психодијагностиката е клинички метод со помош на кој се проценува личноста и нејзиното однесување. Таа подразбира користење на дијагностичко интервју и батерија на психолошки инструменти со помош на кои се утврдува степенот на интелектуална ефикасност на личноста, се проценуваат нејзините трајни црти, се утврдува постоење на одредени психолошки тегоби или постоење на евентуално психолошко нарушување. Примената на батерија на психолошки инструменти опфаќа задавање на тестови на интелигенција и органицитет, инвентари на личност и проективни техники, а подразбира пишување, цртање, решавање на задачи (вербални и манипулативни), одговарање на поставени прашања и самопроценка.
На психодијагностичка проценка клиентот може да дојде самоиницијативно, но и по налог на психијатар, психотерапевт или друго овластено лице (Суд, Центар за социјална работа и сл.). Психодијагностичката проценка може да се врши заради различни причини:
- Дијагностички и диференцијално- дијагностички причини кои подразбират помош во поставувањето на дијагнози и разбирање на причините кои довеле до истите, како и утврдување на потребата за фармакотерапија;
- Проценка на личноста и актуелното ниво на нејзино функционирање кое се состои од утврдување на нивото на организација и типот на адаптација на личноста, а вклучува проценка на идентитет и интегритет на личноста, проценка на нејзините доминантни механизми на одбрана, проценка на контролата на емоциите, проценка на поврзаноста со другите, проценка на перцепцијата на себе и другите
- Проценка на потенцијалите за психотерапија, утврдување на најсоодветниот психотерапевтски модалитет и проценка на ефектите од применетата терапија ;
- Проценка на интелектуалното функционирање на личноста што вклучува процена на коефициент на интелигенција (IQ), но се утврдува и способноста на клиентот адекватно и во потполност да го користи својот личен потенцијал. Се проценува способноста на клиентот да решава и разбира кмплексни идеи и проблеми, ефикасно да се адаптира на средината и да користи различни облици на резонирање, а оваа проценка е од значење за процена на личните слабости и снаги, личното постигнување и ефикасноста во реални животни ситуации.
Психодијагностичкото тестирање единствено законски, етички и професионално го извршува дипломиран психолог, обучен за примена и интерпретација на психодијагностички тестови и методи. Тоа се спроведува во психолошки кабинет и може да трае неколку часа, а понекогаш е потребно да се направат и повеќе средби зависно од целта на тестирањето. По завршувањето на тестирањето психологот пристапува кон обработка на тестовниот материјал и пишување на Психолошки наод и мислење. Психолошкиот наод и мислење се доставува на клиентот кога се работи за самоницијативно тестирање или на нарачателот (психијатар, психотерапевт, суд, центар за социјална работа...), а клиентот во овој случај ги добива сите потребни информации за резултатите од психодијагностичкото испитување.
Овие стимулативни игри ќе го оплеменат вашето време со детето, ќе ви дадат идеи како да ги користите досегашните материјали за нови игри, ќе го поттикнат вашето дете на креативна и самостојна игра. Нашите работилници се наменети за деца од 5 до 7 годишна возраст и се насочени на раниот детски развој, овозможувајќи им на децата да ги развиваат своите потенцијали и интереси во согласност со својот индивидуален развоен ритам.
Направивме комбинација од игри - вежби за фината моторика и за поттикнување на асоцијативното учење, стимулираме концентрација и одржување на внимание, вежбање на грубата моторика, вежбаме памтење и сите активности се во насока да предизвикаме задоволство кај децата која понатаму ќе продолжи во креативна самостојна игра. Препознавање на нашите чувствата преку игра и размена е дел од работилниците, со цел поставување на темелите на емоционалната интелигенција и развивање на емоционалната писменост. Со поставување на детето во проблемски ситуации ќе го поддржиме неговотo функционално знаење и способноста за решавање проблеми.
Играта стимулативно ќе делува и на физичкиот и на менталниот развој. Етапно, од динамички активности кои влијаат на специфичната моторика и графомоториката се преминува на учење симболи, апстрактни поими и нивна визуелизација, што всушност значи практикување на асоцијативното учење. Игрите се интерактивни, детето ќе учествува и активно ќе дејствува наместо да биде пасивно во примање на пласираните содржини.
Со оваа програма за вешто родителство, родителите имаат можност да добијат насоки за да размислат за сопственото однесување и за ефектите врз нивното дете и со тоа да ја подобрат способноста да ги „прочитаат“ и сензитивно да одговорат на знаците на детето. Ќе научат нови вештини, а водено и ќе стекнат нови искуства и пријателства со другите членови од групата. Групните средби се одвиваат во сигурна средина која нуди доверливост и дискреција. Секоја од средбите се состои од следните активности:
1. Активност со родителот - кога се практикуваат вежби кои во почетокот овозможуваат запознавање со другите членови на групата, а понатаму подобар увид и свесност за Вас самите.
2. Активности за детето - се изведуваат вежби кои овозможуваат поголема свесност за однесувањето и чувствата на детето.
3. Опуштање/ Само - свесност - вежби за релаксација и опуштање, кои можете понатаму да ги практикувате сами.
4. Активност со детето (нешто незадолжително) - игра со детето, доколку постои можност за тоа, што бара и детето да е соработливо и расположено за неа.
5. Да се обидеме! - се даваат насоки што би можеле да правите до следната средба, задачи и активности, со цел следење, опсервација на однесувањето, како база за моделирање на пожелното однесување.
Работилниците се онлајн, групите се составени од 6 до 8 членови. Се стимулира одржување на мрежата на контакти и после работилниците, како средина за меѓусебна поддршка, консултации, размена на мислења и стимулација на чувството на припадност и заедничко соочување со предизвиците.
Серија на интерактивни и искуствени работилници „Се познавам себе, те почитувам тебе“, чија основна цел е превенција и намалување на врсничкото насилство, преку:
1. Познавање и прифаќање на себе и другите - развој на позитивна слика за себе, чувство на сигурност и самодоверба, чувство на сопствена вредност и достоинство; запознавање и развој на толеранција преку воочување, разбирање и почитување на меѓусебните сличности и разлики;
2. Меѓусебна соработка и позитивна комуникација - воочување на разликите помеѓу натпревар и соработка; запознавање со основните одлики на позитивна и негативна комуникација; воочување на важноста за припаѓање во заедница и исклучувањето од неа како облик на насилство;
3. Емоционална писменост - развој на емоционална интелигенција преку препознавање и изразување на различни емоции (кај себе и другите) и негување на емпатијата;
4. Препознавање, превенција и справување со насилство - запознавање со поимот насилство, видовите на насилство и разбирање на факторите кои влијаат на појавата на насилство и освестување за неговата комплексност; запознавање со начините на индивидуално и групно реагирање на насилство.
Целна група: деца на училишна возраст, деца од 7 до 9 години и деца помеѓу 10 и 12 години
ДЕЦАTA ќе развијат:
Позитивна слика за себе;
Чувство на сигурност и самодоверба;
Чувство на сопствена вредност;
Толеранција, разбирање и почитување на меѓусебните сличности и разлики;
Позитивна комуникација со врсниците;
Емоционална писменост;
Емпатија;
Способност за справување со конфликти;
Поврзување на емоциите со потребите и преземање одговорност за нив;
Препознавање, превенција и справување со насилство.
РОДИТЕЛИТЕ ќе стекнат:
Свесност за предизвиците со кои се соочуваат нивните деца;
Свесност за потребите на детето и начините на нивно задоволување;
Насоки/идеи за тоа како би можеле да придонесат во процесот на развој на позитивната слика за себе (на детето);
Насоки/идеи за превенција и забележување на рани знаци на врсничко насилство, негување на колективна припадност;
Подoбрена комуникација со своето дете;
Зголемена меѓусебна доверба родител -дете
Циклус на работилници на тема: „Јадам за да живеам или живеам за да јадам?“. Во рамките на овие работилници го истражуваме јадењето како начин на живеење и како како начин на примање на светот.
За некого храната претставува неопходност, а за друг е начин на креативно изразување. За некои, пак, храната е врвно задоволство во текот на денот. Преку хранењето го земаме од надворешниот свет она што ни е потребно, како би можеле да се одржиме во живот и да растеме. Секој од нас има уникатна релација со храната: како на индивидуално, така и на семејно и на колективно ниво. При овој процес многу внимателно одбираме што е тоа што ни е потребно и го земаме точно тоа што го сакаме. Изборот и земањето не е доволно, туку потребно е џвакање, голтање и обработка на деловите кои сме ги земале од околината. Сето она што ни е потребно и има нутритивна вредност за нас го примаме, а непотребното и штетното за нас го исфрламе како вишок.
Покрај физичка (материјална) храна, организмот има потреба и од ментална храна. Под ментална храна се подразбира сета емоционална, интелектуална и духовна храна која се добива преку искуството (контактот) со околината. Помеѓу физиолошкиот метаболизам и менталниот метаболизам постои аналогија. Ова значи дека нашиот однос кон храната е поврзан со тоа како живееме и како се справуваме со животните ситуации. Нашите навики во исхраната и нашата релација со храната претставуваат рефлексија на нашиот пристап кон секојдневното живеење, себе и светот. Нездравата релација со храната, независно дали е искусена преку телото или преку умот, може да води кон: очај, страв, лутина, вина, срам, самообвинување и каење. Вака започнува маѓепсаниот круг на штетни однесувања.
Предвидени се четири работилници:
1. Свесност за мојата релација со храната. Оваа работилница е насочена кон освестување на индивидуалниот начин на хранење при што секој учсеник ќе има можност да ја истражува личната вклученост во различните фази од процесот на исхрана.
2. Семејни правила и здрава агресија. На ова работилница секој член ќе има можност да го истражува семејниот однос кон храната и неговата поврзаност со неговиот индивидуален/ сегашен однос кон хранат, да ги освести семејните правила и пораки и да ги преработи согласно своите сегашни потреби и животна ситуација.
3. Ментален метаболизам и подличности. На оваа работилница членовите ќе имаат можност да се запознаат со поимот ментален метаболизам, со когнитивните и емоционални процеси кои лежат во неговата основа и искуствено да ги истражуват своите главни подличности околу кои се организирани овие процеси.
4. Психолошки потреби. На оваа работилница членовите ќе имаат можност да се запознаат со основните психолошки потреби (за дразби, признание, контакт, структура, секс, возбуда и моќ) и основните карактеристики на психолошката глад, со можност искуствено да ја истражат својата потреба за признание и начините на кои ја (не)задоволуваат истата.
Целна група: поединци над 18 години за кои процесот на исхрана претставува важна животна тема.