Конфликтите се нормален и неизбежен дел од животот на секој човек. Тие се составен дел од меѓучовечките релации помеѓу сите луѓе, па дури и оние кои најмногу си значат едни на други. Од првиот па се до последниот момент од животот, ние се соочуваме со конфликти од различни типови. Како бебиња, плачеме за храна, како деца се караме за да добиеме некоја играчка, како млади бараме поголеми права и правичност во општеството, како возрасни се расправаме околу работата и родителството, и ред други теми како парите, политиката, семејството, општествената состојба итн. Конфликтите можат да имаат најразлична тежина, од тоа кој ќе го фрли ѓубрето дома и што ќе се гледа на телевизија, до многу посериозни облици од типот на меѓуетнички конфликти и војни. Сепак, не постои ниту еден аспект на човековиот живот што е имун на конфликти.
И покрај неизбежната присутност на конфликите во нашите животи, малкумина се подготвени да признаат дека се соочуваат со некаков конфликт/проблем. Зошто е тоа така? Дали ги криеме конфликтните ситуации, се срамиме од нив, бегаме од нив? Како се чувствуваме во конфликтна ситуација? И дали тие чувства се признаени од околината?
Конфликтите не асоцираат на болка, недоверба, страб, пропаст, уништување, пораз, насилство, непријателство, загуба, тепачка, гнев, судир и слично...сите се непосакувани состојби и вознемирувачки чувства. Кај нас луѓето постои општа тенденција на конфликтот да му се пристапува со негативен став и со убедување дека тоа е нешто лошо. Доколку на конфликтната ситуација се пристапува со став дека таа не може да ни донесе ништо добро, тогаш ние веќе сме го направиле изборот да ја занемариме можната корист од конструктивниот поглед на истата. Доколку ги погледнеме другите избори и видиме дека сепак во НИЧИЕ секојдневие не постои буквално се да е лошо, тогаш можеме да се ослободиме од лошото чувство и барем за краток момент да ја доживееме другата реалност.
Како се учиме да гледаме на конфликтите како на нешто лошо? Уште од мали нозе, нашите воспитувачи, роднини, авторитети и луѓето од нашата блиска околина ни упатуваат пораки кои ние имаме капацитет само да ги проголтаме (во таа возраст). Пораките од типот: "Око за око, заб за заб", "Избегнувај кавги со наставниците", "Ќе си дојде секој на своето", "Не се расправај, никој нема да ти каже фала а ти само си трошиш време и енергија", "Добрите девојчиња не се расправаат" и други, се оние кои ја формираат нашата перцепција за светот и во голема мера влијаат на нашето однесувања кога ќе се најдеме во конфликтна ситуација. Со помош на овие пораки ние заклучуваме дека конфликтите се единствено и исклучиво само нешто од кое треба да избегаме, да не се соочиме или ако се соочиме да го направиме тоа на начин на кој можеби нам не ни е својствен. Гешталт теоријата вели дека ваквите проголтани пораки кои нашето тело ги примило без да ги разбере и без да процени дали му одговараат или не, се нарекуваат интроекти.
Конфликтите можат да бидат резултат на различни извори, како ограничени ресурси, спротиставени вредности и убедувања, како и незадоволени базични психолошки потреби и чувства. Пример за ограничени ресурси е кога се јавува конфликт за тоа кој да гледа телевизија, а истовремено се емитува фудбалски натпревар и филм. Пример за спротиставени вредности е кога двајца пријатели се караат дали треба да се даде пари за да се положи испит кај професорот. Се верува дека сите конфликти се базираат на незадоволени базични психолошки потреби. Ако еден сопруг има незадоволена потреба за љубов и припаѓање, тој може на сопругата да и замерува за тоа колку време таа зборува на телефон со другарката, без да биде свесен дека сака да поминува повеќе време со неа.
Ефективно разрешување на конфликтите се очекува кога меѓу страните во конфликтот се одвива процес базиран на споделување на информации, а не на доминирање (физичко и вербално). Кога однесувањето на двете страните е основано на почит и соработка, а не на осудување или повредување. Во процесот на разрешување на конфликтот, најважно е да се земат во предвид потребите на двете страни и да се тежнее кон пронаоѓање решение кое ги задоволува потребите на двете страни. Решавањето на конфликтот треба да постигне задоволство и ослободување од тензијата и напнатоста кај секоја од конфликтните страни и притоа ни една од страните да се откаже од својата потреба, туку и двете страни да добијат задоволување за потребата. Бидејќи во реалноста ова не е секогаш возможно, акцентот се става на волјата и подготвеноста за соработка, како и стекнување вештини за заемно дејствување во правец на изнаоѓање решение.
Психотерапевт, Сузана Арсовска Митревска