Паничните напади се сметаат за феномен на постмодерното доба. Тоа не значи дека тие не постоеле и претходно, туку дека постои тенденција нивната феноменологија и симптоматологија да се сместуваат во овој исторски-социјално-културен контекст. Постмодерното доба е време на значајни социјални и општествени промени, технонолошка ера, забрзан ритам на живот и многу промени во природата и средината во која живееме.
Имајќи предвид дека не би можеле добро да разбереме некој феномен без да го ставиме во одреден контекст, паничните напади во гешталт теоријата се разгледувани токму во овој постмодернистички контекст, поткрепени со целата гешталт методологија и практика. Постои една позната изрека која гласи: Психотерапијата треба да расте заедно со општеството, доколку сака да одговори на новата патологија. Овој феномен би требало да се разгледува и од клиничка, не само од социјална перспектива, со цел да се добие холистички увид. Од клиничка перспектива, паничните напади се сместуваат во групата на анксиозни растројства.
Потекло на паничните напади
Во клиничка смисла, потеклото на зборот паника го лоцираме во поново време. Паничните напади се денес прецизно дефиниран симптом, кој може да се појави во различни состојби на анксиозност, но во минатото тие биле дефинирани како акутни анксиозни кризи. Биле опишувани како особено интензивни епизоди на анксиозност, без притоа да се обрне особено внимание на феноменологијата на искуството.
Како што се наоѓа денес во “Дијагностичкиот и статистички прирачник на ментални пореметувања DSM V”, паничниот напад не се смета за пореметување сам по себе, бидејќи може да се јави во разни клинички (форми на анксиозни пореметувања, органски заболувања) и неклинички состојби (предизвикан од експериментални сценарија, пр. хиперкапнија). Наспроти тоа, направена е класификација на различни анксиозни растројства во чии рамки можат да се појават паничните напади (панични пореметувања, социјални фобии, специфични фобии, посттрауматски стрес синдром или акутно стресно пореметување). Панични пореметувања се тип на пореметувања во кои лицата страдале од неочекувани панични напади во определен период, а кои не потекнуваат од специфични или предвидливи ситуации. Паничното пореметување се дијагностицира кога се јавува барем еден неочекуван паничен напад во некој степен на нарушувањето.
Основни карактеристики на паничниот напад:
Нападот започнува одненадеж и ненадејно
Пропратен е со интензивен страв и нелагодност
Го достигнува својот максимум веднаш
Чувство дека претстои несреќа или катастрофа
Чувство на итна потреба да се напушти местото каде се појавува нападот
Забрзана работа на срцето
Дишење во кратки интервали
Болка во градите и нелагодност
Мачнина или болки во стомакот
Страв од губење контрола или полудување
Чувство на зашеметеност и несвестица
Дереализација или деперсонализација
Вообичаено, паничните напади се појавуваат помеѓу адолесцентниот период и возраст од 35 години (DSM 5). Тоа е период во животот на човекот кога најчесто се напушта примарното семејство и се развива извесен степен на независност. Тоа е период во текот на кој развивањето на нови афективни и социјални мрежи на припаѓање е од најголемо значење, додека веќе постоечките емоционални врски се заменети или изгубени. За да се случи оваа сепарација, примарното семејство треба да изгради стабилна основа но истовремено и флексибилен пристап кој ќе и дозволи на личноста да ја деконструира мрежата на припаѓања за да отвори пат за создавање нова (да создаде нова стабилна позадина). ПРИПАЃАЊЕТО е значаен елемент на позадината од која индивидуата ги влече своите корени и која обезбедува одржливост и безбедност на базично ниво. Фридрих Перлс, таткото на Гешталт теоријата, вели дека кога субјектот го напушта своето семејство, оваа позадина треба да се скрши и да се реконструира. Новата средина е сеуште нестабилна и го изложува организмот на ненадеен колапс и ова може да води до паничен напад. Лицата кои страдаат од панични напади се заглавени меѓу минатите врски кои повеќе не нудат доволно поддршка и идните врски, кои допрва треба да станат поддржувачки.
Паничните напади и стравот
Се смета дека во основата на паничните напади лежи чувството на страв, апсолутен и преплавувачки страв, кој на личноста и оддава впечаток дека се е опасно и излегува од контрола. Основни и примарни стравови се сметаат дека се стравот од болка и од смрт, а сите останати стравови потекнуваат од нив. Стравот е емоција кога ја штити индивидуата од опасност правејќи ја свесна за истата и овозможувајќи и да одговори соодветно на ситуацијата. Тој станува патолошки кога веќе не кореспондира со она што се случува во реалноста, односно кога не постои реална опасност за индивидуата или стравот се перципира како поголем или помал од тоа што навистина е. Уште во текот на детстството ние учиме како точно да ги перципираме и да се справуваме со стравовите преку нашите релации со родителите и најблиските. Некои автори, меѓу кои Donald Winnicott, сметаат дека во раното детство стравовите се составени од внатрешни доживувања, додека подоцна децата започнуваат да се плашат од надворешни објекти кои често стануваат и простори каде релационите стравови се фиксирани и каде сетилните перцепции се проширени. Кога детето ќе прими и ќе повнатрешни доволно поддршка, тоа успева да развие позитивна агресија која му овозможува да се справи со надворешната опасност. Ваквата поддршка ќе му овозможи на детето да ги изрази своите стравови, но ќе му овозможи и сигурност која му помага да научи како да ја перципира и како да се соочи со опасноста. Паничните напади се сметаат за страв без надворешни дразби, страв во кој нема поддршка и релации на кои може да се потпреме.
Психотерапевт, Сузана Арсовска Митревска