Што кога родителите имаат различни пристапи во начинот на воспитување
Што кога родителите имаат различни пристапи во начинот на воспитување
Родителите често пати знаат да се соочат со коментарите кои си ги даваат во заедничката работа на воспитување – “премногу си строг или премногу попушташ, го размазуваш детето или ќе му направиш трауми на детето” .Можеби на другите полиња од партнерската релација има согласување и функционираат на продуктивен начин, но во стиловите на воспитување постојат разлики кои често пати водат кон фрустрации, борба за усогласување, непочитување и неразбирање.
Ретко е кога родителите се согласуваат во се, и да очекуваме дека двајцата родители ќе размислуваат и ќе се однесуваат исто према децата често пати се покажува како нереално. Идеална усогласеност не (мора да) постои во родителствувањето и воспитувањето, но она што е значајно да постои взаемно почитување на разликите, да се негува сознанието дека е сосема во ред и да не се согласат пристапот со детето. Детето многу брзо ќе се навикне на тоа дека мама ги прави работите на еден начин, тато на друг начин и со тоа не му се нарушува сликата ниту за едниот родител. Проблемот настанува кога едниот родител се обидува да ја надомести улогата на другиот родител, дозволуваат детето да манипулира со нив, да ги сврти еден против друг. Кога родителите ќе научат да ги вреднуваат своите разлики и да функционираат во склад со нив, ќе донесе радост и растеретување во семејството. Ова почитување е од исклучително значење и е особено корисно за мешани бракови, комуникација на родителите после развод, како и семејства каде повеќе генерации се вклучени секојдневно во процесот на воспитување и грижа на децата. Подолу се неколку препораки кои можат да помогнат во овој процес на прифаќање и почитување на разликите.
1. Отфрелете го црно белиот начин на гледање на правилно – погрешно и започнете да вежбате да ги цените разликите. Утврдете на кој начин секој допринесува за семејството и сосредоточете се на силните страни. Дајте му на другиот родител до знаење дека иако не ви се допаѓа начинот, сепак одлучувате да го почитувате неговиот однос со детето. Ако не се согласувате со она што се случува, разговарајте кога децата не се со вас. Обидете се да бидете во мир со несогласувањето.
2. Не се обидувајте да ја надоместите улогата на другиот родител на тој начин што ќе одите во крајност и ќе бидете премногу строги ( за да го исправите мекоста на другиот родител ) или премногу попустливи ( за да надоместите за прејаката дисцилинира на другиот родител ). Децата можат да научат да се носат со два различни стилови на воспитување.
3. Доколку партнерот се чувствува обесхрабрено, немојте да штедите на убави подржувачки зборови, спремност за разговор и гушкање.
4. Немојте да зборувате лошо за партнерот пред децата, и да барате од нив да пренесуваат пораки до другиот родител. Немојте да им се жалите на децата за партнерот и да очекувате од нив да ви помогнат во односот со сегашниот или поранешниот партнер.
5. Редовно одвојувајте време за разговор со партнерот и зборувајте! Идете заедно на курсеви, учете за различни пристапи и разговарајте за методите кои што ви се нови.
Она што децата можат да го научат е дека разликите можат да бидат предност, а не пречка, дека не постојат ригидни правила за правилно/исправно, учат да го набљудуваат човечкото однесување и да бараат решенија за да си ги задоволат своите потреби. Доколку постојат преголеми разлики во начинот на воспитување, поставете јасни граници и бидете свесни за правото и одговорноста да одбиете било каков вид на насилство или постојано критикување, и охрабрете се да побарате помош од пошироката заедница. Децата ќе научат како да постапуваат со конфликтни ситуации и судири, како и тоа дека е сосема во ред да се посегне по подршка и помош кога е потребно.
Ирена Жунгулова
Психолог и психотерапевт