Честите проблеми со менталното здравје како што се депресијата и анксиозноста се главни фактори што придонесуваат за глобалното оптоварување со болести. Пред пандемијата предизвикана од КОВИД-19, истражувањата проценуваа преваленција на анксиозност и депресија до 20,8 %, при што само анксиозноста достигнуваше 28,8 %.
Истражувањето на УНИЦЕФ за менталното здравје на адолесцентите и нивните старатели за време на пандемијата укажува на тоа дека жените имаат тенденција да пријавуваат повисоки стапки на депресија и анксиозност во споредба со мажите. Дополнително, студија на УНИЦЕФ од 2022 година покажала и дека постпородилна депресија се манифестирала кај 27,6 % од младите мајки во Северна Македонија, додека 27,8 % биле погодени од умерена до екстремна анксиозност.
И покрај тоа што во последната нацрт-стратегија за сексуално и репродуктивно здравје се препознава важноста на менталното здравје на мајките, националните политики во Северна Македонија и натаму не успеваат да одговорат на специфичните потреби на мајките. Со оглед на тоа што во земјата постои само една центар за поддршка на менталното здравје на мајките, пристапот до него е сериозно ограничен, особено за жените надвор од главниот град. Постои итна потреба од реформи кои би ги подобриле структурите за поддршка на менталното здравје на мајките.
За таа цел, Психолариум како партнер на Реактор - Истражување во акција, а со поддршка на Француска амбасада започнува сеопфатна иницијатива за справување со менталните предизвици во перинаталниот период. Членови од тимот на Психолариум се во процесот на обука за пружање психолошка поддршка овозможена од Postpartum Support International, по чиешто завршување ќе воспоставиме и група за психолошка поддршка на мајки во перинатален период во времетраење од 3 месеци. За да се измери влијанието на групите врз менталното здравје на мајките во перинаталниот период, ќе се спроведат психометриски проценки пред и по одржувањето на групите за да се оцени терапевтскиот исход и целокупната ефикасност на програмата.
Психолариум останува цврсто посветен на унапредување на менталното здравје на заедницата, посебно на оние кои се најранливи и најчесто запоставени. Ние се бориме за пристапна и достапна ментална грижа за сите, со посебен фокус на маргинализираните групи, бидејќи веруваме дека праведното и инклузивно општество започнува со грижа за најранливите. Нашата работа е посветена на создавање простор каде секој може да се чувствува слушнат, поддржан и вреднуван.